Блокотехна во извонреден натпревар го изненади актуелниот шампион МЗТ, и тоа на гостински терен го зеде скалпот на „металци“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ со резултат од 85-77. Дебитантот во Првата македонска лига одигра многу подобро од очекуваното, додека МЗТ покажа бројни слабости, како во нападот, така и во одбраната, за кои во најскоро време треба да се најде решение. Иако конечната разлика не ја прикажува јасната слика за натпреварот, треба да се земе во предвид дека Блокотена речиси цел натпревар имаше двоцирена предност.
По 4. коло екипата на Блокотехна има максимален учинок од четири победи на исто толку натпревари, додека за избраниците на Тодоров ова е втор пораз во домашното првенство.
Гостите од Гевгелија во натпреварот влегоа со поголема желба за надигрување, да докажат дека можат да се натпреваруваат и против актуелниот шампион на Македонија. Водството го иградија уште во раните минути од средбата, одлично го чуваа во текот на првите две четвртини. МЗТ имаше доста проблеми во одбраната, но и во нападот, до поени во главно стигнуваа од под обрачот, бидејќи шутот за три поени не беше на нивото кое го посакува Тодоров од својата екипа (8/34 за тројка) . По подолга пауза кај „металците“ заигра и капитенот Марко Симоновски, македонскиот бек покрај Лалиќ беше најсветлата точка за домаќините во првиот дел од средбата. На паузата Блокотехна замина со солидни +13, при резултат од 46-33.
Блокотехна продолжи во свој ритам и во второто полувреме. Кон средината на третата четвртина го направија и највисокото водство од +14. Разиграните гости ја чуваа двоцифрената предност, на „аеродромци“ им пропадна шансата да заминат во последниот период со -7, откако Бенџамин погоди тројка во последните секунди од третиот период.
Во завршниот период МЗТ покажа надеж за евентуален пресврт, односно неизвесна завршница дури во последните минути од средбата, кога Бојан Трајковски пресече напад на гостите и намали на -5, на само две минити до крајот. Сепак Блокотехна го сочува водството и издвои значајна победа со резултат од 85-77.
Во составот на МЗТ најрасположен за игра беше повратникот Симоновски кој постигна 19 поени, Бојан Трајковски имаше дабл-дабл учинок од 17 поени и 10 скока, додека Лали додаде 17 поени. Блокотехна беше предводена од екс-кошаркарот на МЗТ, Данило Мијатовиќ со дабл-дабл учинок од 21 поен и 10 скока, а Двејн Бенамин заврши со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА