Рафаел Надал вчера и официјално ја заврши сезоната како највисоко рангиран тенисер на АТП листата. Со триумфот над Кореанецот Хјон Чунг од 7-5, 6-3, на стартот од Мастерс турнирот во Париз, Шпанецот ја осигура првата позиција на АТП листата.
„Ова е многу важно остварување за мене, но не можам да кажам дека ми беше примарна цел за сезонава, бидејќи пред една година не можев ни да замислам дека повторно ќе бидам прв. Покрај толку повреди, сметав дека вакво нешто за мене е невозможно. Но, кога го работиш тоа што сакаш, со напорна работа ќе успееш да ги оствариш своите соништа. Секое утро треба да се разбудиш со соодветна мотивација за да напреднуваш во тоа што го работиш, не само да мислиш на победа, бидејќи сите сакаат да победуваат. Да беше победувањето единствена мотивација немаше да стигнам до тука, бидејќи јас освоив се што можев да освојам, но имав и доста сериозни повреди, а во тие периоди најмногу се сомневав во себе. Многумина велат дека треба да веруваш во себе за да успееш, јас велам дека треба да веруваш во својата работа, но и да вложиш многу труд“, истакна Надал.
Новиот светски рекет број 1. по четврти пат во неговата кариера сезоната ја завршува како прв на АТП листата. Претходно првото место го осигура во 2008, 2010, и 2013 година, а воедно од вчера стана и најстариот тенисер (31 година) во историјата на овој спорт кој заврши сезона како првопласиран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА