Новиот совет на општина Битола, конституиран по локалните избори, ќе го спасува опстанокот на еден од најголемите македонски ракометни колективи, РК Пелистер.
„Пелистерци“ најавија дека нема да го играат саботното градско дерби против Еурофарм Работник поради заостанатите плати кои им ги должи општина Битола, како 100% сопственик на клубот.
Но, новоконституираниот совет најави дека за 13. ноември се подготвува ребаланс на буџетот со кој ќе бидат издвоени средства и за РК Пелистер да се покријат долговите кон ракометарите кои ги направи претходната власт на општината.
„Ние долгот кон ракометарите го наследивме од претходната власт, која очигледно свесно оставила да се наталожат финансиските проблеми и да се доведе до распаѓање на ракометниот клуб, под идеја за сето тоа да е виновна новата локална власт. Но, ние нема да го дозволиме тоа. Сакам да испратам порака дека со РК Пелистер ќе биде се во ред. Повикуваме ракометарите да имаат малку трпение затоа што се подготвува ребаланс на буџетот, и на 13. ноември веднаш ќе им бидат исплатени сите заостанати плати а со тој ребаланс ќе бидат издвоени средства и за завршување на годината“ – истакна денеска претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА