Сити, Јуве и Интер во трка за Хозе Хименез

Италијанскиот првак Јувентус, ривалот од Серија А, Интер, и англискиот премиерлигаш Манчестер сити ќе наддаваат за уругвајскиот интернационалец Хозе Хименез, дефанзивецот на Атлетико Мадрид. Тој се уште нема потпишано нов договор со „јорганџиите“, и тоа токму поради фактот што неколку европски гиганти се интересираат за неговите услуги.

Иако се очекува Хименез до зимскиот преоден рок да ја продолжи верноста кон Атлетико Мадрид, сепак, тоа нема да ги спречи Масимилијано Алегри, Лучијано Спалети и Пеп Гвардиола да ја продолжат трката за негов ангажман. „Граѓаните“ се подготвени да платат 40 милиони евра за да го доведат на „Етихад“, Интер исто така е финансиски моќен во овој момент, додека Јувентус е секогаш повоздржан кога се парите во прашање.

Од друга страна, Диего Симеоне се надева дека раководството на клубот ќе го задржи Хозе Хименез во Атлетико Мадрид со нов договор. Шпанските медиуми информираат дека тој веќе добил понуда да ја продолжи верноста до 2022 година, а откупната клаузула во неговиот нов договор да изнесува 60 милиони евра.

 

Се вчитува...