Капитенот Кире Лазаров и покрај проблемите со повредата на стомачните мускули што го мачеше во изминатите петнаесетина дена му се стави на располагање на селекторот Раул Гонзалес за оваа ЕХФ-седмица, посветена на репрезентативниот ракомет. Како што веќе е добро познато, Гонзалес реши наместо пријателски средби акцентот да се насочи кон интензивно тренирање, одлука што е правилна и според Лазароов.
„Мислам дека е добра одлуката на стручниот штаб да немаме натпревари, веќе минаа пет-шест дена што квалитетно ги одработивме, се фокусиравме на некои работи за кои верувам дека ќе ни служат многу на европското првенство. Задоволни сме, имаме добра атмосфера, сите со нетрпение го очекуваме почетокот на тоа ЕП. Знаеме дека ќе се игра во Хрватска, земја што е блиску до нашата Македонија. Се надевам дека и во следниот период се ќе мине во најдобар ред, дека ќе немаме проблеми со повреди, ќе одработиме квалитетни подготовки во зимата и максимално подготвени ќе го дочекаме европскиот шампионат“ – изјави Лазаров.
Десниот бек поради повредата што го мачеше не може да тренира со остатокот од тимот, по консултациите што ги имаше со лекарскиот тим и со селекторот Гонзалес.
„Мојата повреда е минато, но сепак така се договоривме со стручниот штаб, да не ризикуваме. Работев одвоено, но будно следев се што работеа и ги увидував новините во играта. Се надевам дека со враќањето во Нант веднаш ќе почнам со натпревари и се ќе биде во најдобар ред“ – истакна капитенот на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА