Менаџерот на Челси, Антонио Конте вчера по мечот со Евертон посочи дека Нголо Канте се опорави од повредата поради која отсуствуваше од терените скоро еден месец, па Французинот би требало да достапен за италијанскиот стратег за лигашката пресметка против Бурнемаут закажана за овој викенд.
„Канте напредува многу добро. Во овие моменти тој е во одлична физичка кондиција. Само треба да го задржиме смирен, односно да не му дозволиме премногу да се форсира, за да превентираме враќање на повредата. Најлесно е да му кажам дека ќе игра на следните три натпревари во рок од десетина дена, но тоа не е решение. Треба да најдеме солуција како најдобро да го искористиме во овие ситуации“, вели Конте.
Челси во сабота гостува во Бурнемаут, потоа ново патување во Рим за натпреварот од Лигата на шампиони против Рома, додека пак, пет дена подоцна е закажано дербито против Манчестер јунајтед на „Стемфорд бриџ“. Засега не се знае дали Канте веднаш ќе се врати во стартниот состав за средбата против „црешите“, или пак Конте ќе го чува својот „ас“ за потешките дуели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА