Александар Тодоров на прес-конференцијата по поразот од Цибона најави освежување на играчкиот кадар на МЗТ Скопје во следниот период, но тоа само по себе ќе значи и заминување на дел од играчите кои не ги оправдаа очекувањата на стручниот штаб. Вообичаено, на удар се странските кошаркари, а ЕКИПА дознава дека од тројцата Американци кои пристигнаа летово ќе „преживее“ единствено плејмејкерот Ерик Гарсија.
Неофицијално, првиот што ќе си замине од таборот на „штрковите“ ќе биде Даниел Џенсен, 23-годишниот крилен центар кој по значајната улога против Партизан одигра далеку под посакуваното ниво на сите останати натпревари. Меѓу раководството на „металците“, како и меѓу навивачите, постои отворено незадоволство од неговите игри, па само прашање на време е (најдоцна до крајот на оваа седмица) кога и официјално ќе биде раскинат договорот со Џенсен, за потоа да почнат и преговорите за ангажман на нов кошаркар на позицијата „четири“.
Покрај Џенсен, тимот ќе го напушти и Брет Бејли, со кого беше потпишан договор на три месеци по повредата што ја заработи Марко Симоновски. Во ситуација кога македонскиот репрезентативец е веќе во сериозен тренажен процес и неговиот камбек се очекува најмногу за десет дена, јасно е дека договорот на Бејли нема да биде продолжен, па и овој Американец нема уште долго да остане во Аеродром.
МЗТ Скопје викендов патува за Белград, каде в понеделник ќе му гостува на шампионот Црвена звезда во рамките од АБА-лигата, а по тој натпревар може да се очекува и пристигнувањето на најмалку едно ново засилување, нешто што Тодоров го најави по поразот од Цибона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА