Македонскиот вицешампион Карпош соколи вечерва ќе го вгости тимот на Нижни Новгород за нивниот дебитански натпревар на домашен терен во Еврокупот на ФИБА. „Соколите“ по поразот во 1. коло од Шолонк Олај ќе атакуваат на прв триумф во групната фаза, но ги очекува тежок предизвик знаејќи го квалитетот на рускиот состав. Избраниците на Даскаловски беа немоќни на првата средба против унгарскиот претставник Шолонк, мечот го загубија со високи 94-73, па сега ќе мора да го подигнат нивото на игра доколку сакаат да ја израдуваат домашната публика. Сепак, дека брзо се опоравија од поразот докажува убедливата победа од 94-83 над Куманово во домашното првенство, што ќе им биде мотив за надигрување на вечерашната пресметка.
Нижни пак, на отворањето на овогодинешното издание на Еврокупот забележа победа над вториот унгарски претставник во групата Х, Фалко вулкано. Тешко издвоената победа стигна дури по продолженијата, Нижни се извлече со минимални 94-92, откако по 40 минути игра резултатот беше нерешен, 80-80. Сепак, рускиот тим во Скопје пристигнува поразен од Енисеј во руското првенство, па Соколи ќе треба да ја искористат ранливоста на гостите.
„Покрај сите проблеми со кои се соочува клубот, моите кошаркари се максимално подготвени за вечерашниот дуел со Нижни. Тие се редовни учесници во европските натпреварувања, до пред две сезони конкурираше во Евролигата, но во последно време не играат на највисоко ниво. Сепак, свесни сме дека имаат доста квалитетни кошаркари кои можат да се решаваат мечеви. Стеван Јеловац им е главна алка, доста опасен е и Петр Губанов. На претходните натпревари покажаа цврстина и агресивност под кошевите, ќе го користат своето главно оружје, скокот и играта под обрач, а како секоја руска екипа знаат да се заканат и од шутот од линијата за три поени. Не очекува навистина тежок меч, голем предизвик е да се игра против екипа со европски квалитет“, истакна тренрот на Соколи, Борче Даскаловски.
Освојувачот на Купот на Македонија од лани одлично ја стартуваа сезоната во македонската Прва лига, имаат максимален учинок од три победи од исто толку натпревари и се третопласирани поради идентичниот учинок со Блокотехна, Гостивар и Работнички. Гостите од Новгород пак, имаат скор 1-1, односно еден триумф и еден пораз по два натпревари во ВТБ руската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА