Настапот на турнирот во Плоцк (27-30 октомври) ќе биде првата проверка за кадетската репрезентација на Македонија под водство на селекторот Данило Брестовац. Македонските кадети во Полска ќе одиграат три натпревари со селекциите на Белорусија, Полска и на Чешка кои треба да ја дадат и првата слика за потенцијалот на овие млади ракометари.
Брестовац селектираше поширок состав од 46 ракометари чиј развој ќе се следи во континуитет. Од нив за првиот собир беа повикани 18 играчи кои ќе настапат и на турнирот во Плоцк.
„Во фаза сме на формирање на репрезентација. Базата ја има меѓу овие 18 играчи што се на овој собир. Но, со оглед на возраста и темпото со кое што се развиваат, мора да имаме поширок список. Не чека многу работа дефинитивно, нашата цел е да направиме конкурентна репрезентација за СП 2019 на кое сме домаќини. Покрај тренинзите, имплементираме комплетна програма во работата и развојот на играчите. Во соработка со ФФК имавме предавања за здрава исхрана и правилен развој. За секој играч ќе бидат извршени посебни мерења и ќе биде направена комплетна анализа. На 16-17 декември ќе биде следниот собир и тогаш веќе ќе имаме комплетна анализа и показатели за сите играчи и ќе почнеме полека да ги изготвуваме индивидуалните програми за работа. Очекувам на крајот од годинава да го заокружиме целиот тој процес и да имаме комплетна слика за сите играчи. И можеби тука би била и првата селекција“ – истакнува Брестовац.
Иако претстојните натпревари на турнирот во Плоцк ќе бидат практично и прва посериозна проверка за оваа селекција, пред македонските кадети се поставени јасни цели. Трите дуели со противниците кои веќе имаат извесно искуство, ќе биде можност за воигрување и финализирање на она што беше сработено на тренинзите изминативе неколку дена.
„За турнирот во Полска, искрено малку сум со резерва, бидејќи играме против формирани репрезентации кои веќе имаат одиграно и неколку натпревари. Нашата цел е подобро да се воиграме и да испробаме неколку акции. Се надевам дека со дициплина на која инсистирам и со борбеност и мобилизираност ќе ја постигнеме целта. Нема да кажам дека резултатот на овие натпревари ни е во втор план. Сакам да победуваме без разлика на тоа што се уште сме репрезентација во формирање. Нема да биде ни еднаква поделба на минутажа бидејќи секој својата шанса треба да си ја бара на тренинг за да заслужи место на терен. Мислам дека после овие натпревари и после турнирот ќе може да се каже некоја генерална оценка за овој репрезентативен состав“ – вели селекторот на македонските кадети.
Состав на македонската кадетска репрезентација:
Голмани: Марко Кизиќ (Вардар), Виктор Василевски (Металург 2), Андреј Петковски (Вардар)Крила: Симон Гучевски (КЛ-7 Струга), Марко Божиновски (Металург 2), Дарко Кондев (Металург 2), Ален Ќосевски (Вардар), Васе Наков (Вардар)Бекови: Илија Меловски (Металург 2), Тони Атанасовски (Вардар), Дејан Џигеровски (КЛ-7 Струга), Бобан Каковски (Еурофарм Работник), Мартин Карапалевски (Вардар), Мартин Серафимов (Металург), Димитар Ристовски (Металург 2)Пикери: Кристијан Симоновски (КЛ-7 Струга), Андреј Митиќ (Металург 2), Мартин Мајсторовски (Вардар)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА