Немања Прибак се враќа во македонската ракометна репрезентација околу една година откако беше избришан од екс-селекторот Лино Червар. Неговиот поранешен тренер од Вардар, Раул Гонзалес, му дава можност на Прибак за камбек во пресрет на ЕП 2018, можност што овој одличен плејмејкер планира да ја искористи.
„Се враќам по една година и не знам што би рекол, ова е прва акција само со тренинзи, без одигрување на натпревари. Ќе бидеме шест дена тука и ќе работиме заедно, да се запознаеме со тактиката на тренерот. Тоа сигурно е интересно, разговарав со Раул и се согласив да се вратам, па ќе видиме што ќе се случи во иднина. Дел од играчите веќе имаат настапувано за Раул во Вардар, тоа за мене не е непознато, напротив, тоа е стил на игра што го преферирам. Верувам дека можам добро да се вклопам, но останува да се види како ќе се одвиваат работите, сепак една работа е клуб, а друга е репрезентација“ – истакна Прибак по своето приклучување во националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА