Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва (21 часот) ќе ја пречекаат Цибона во обид да стигнат до третата победа во АБА-лигата. Големиот триумф во Лакташи над Игокеа ги избриша лузните од неочекуваниот пораз во Скопје од Задар, но тренерот Тодоров и неговите избраници се свесни дека мора да влезат во посакуваниот ритам, пред се на домашните средби во регионалното натпреварување.
„Победата над Игокеа дополнително не увери дека можеме да се носиме дури и со оние најдобрите во АБА-лигата. Кошаркарите сами увидоа во тоа што постојано им го говорам, дека секој противник може да падне кога се бориме максимално и кога сме сконцентрирани во текот на сите 40 минути. Сега пред нас е уште еден голем предизвик, дуел со поранешниот европски шампион Цибона, кој секогаш е тим за респект. Нивната победа против Цедевита само потврди тоа што ние веќе го знаевме, а тоа е дека се квалитетен состав кој секогаш знае што сака“, вели тренерот Александар Тодоров.
Искусните Томас и Жориќ се клучни играчи во таборот на „цибоси“, а „металците“ имаа можност да се сретнат со овој ривал и во текот на подготовките, на турнирот во Истанбул каде Хрватите славеа со 98-89.
„Марко Томас и Лука Жориќ се вистински лидери, против кои треба да одиграме агресивно. Имаат промена на плејмејкерската позиција, но мислам дека тоа нема да се забележи во нивната игра. Добро се познаваме, летово веќе одигравме еден меч на турнир во Турција и очекувам уште еден возбудлив и до крај неизвесен натпревар“ – истакнува Тодоров.
МЗТ Скопје ќе се обиде да ја прекине серијата од три порази во дуелите со ривалот од Загреб, а вреди да се истакне дека по ланскиот неуспех во Скопје (85-89), тогашниот тренер на „металците“ Емил Рајковиќ си поднесе оставка од функцијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА