Екипата на Шкупи и на третиот натпревар од Првата лига претрпе пораз, овојпат на дуелот против Блокотехна што тимот од скопската населба Чаир го загуби со убедливи 115-83. Без оглед на слабиот старт на сезоната, тренерот Енвер Мифтари е оптимист дека неговиот тим наскоро ќе влезе во посакуваниот ритам.
„Ситуацијата е очекувана ако се знае дека ние се подготвувавме нецели десет дена за Првата лига, поради проширувањето на истата. Не е срамота да се загуби од Блокотехна, мислам дека е нереално убедливо, но во секој случај се боревме додека имавме сили. Против себе имавме квалитетен тим кој работи заедно три месеци, тоа беше очигледно, а пред нас е напорна работа. Во најскоро време ќе доведеме уште двајца кошаркари со што би добиле на квалитет и искрено верувам дека Шкупи наскоро ќе го покаже своето вистинско лице“ – изјави Мифтари.
Еден од клучните хендикепи за Шкупи сепак е фактот дека оваа екипа домашните натпревари не ги игра во својата сала во Чаир, туку на тие средби гостуваше кај противниците, и против МЗТ Скопје и вчера против Блокотехна.
„Ги завршуваме последните ситници и очекувам веќе во наредниот домашен натпревар да заиграме во Чаир, каде ќе ја имаме поддршката на нашите верни навивачи. Останува фактот дека и многу други сали од Првата лига не ги задоволуваат сите критериуми на кои во нашиот случај се инсистира, но како и да е, работата во нашата сала е пред финализација. Факт е дека средбите во Чаир ќе ни бидат од помош, па заедно со новите кошаркари можеме да очекуваме наскоро да заиграме на повисоко ниво“ – истакна стратегот на Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА