Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Славиша Кокеза категорично ги демантира информациите за смена на селекторот Славољуб Муслин. Изминативе денови српските медиуми пишуваа дека Муслин ќе добие наскоро отказ, или дури и дека веќе е разрешен од селекторската функција, а негов наследник ќе биде Драган Стојковиќ – Пикси, кој беше гостин на ФСС во Виена на дуелот против Австрија во претпоследното коло од квалификациите.
Но, Кокеза сето тоа го демантира…
„Со сета почит кон медиумите и јавноста, но повторно ќе кажам не се медиумите и новинарите тие кои ќе менуваат и поставуваат селектори во нашата репрезентација. Постои институција и околу тоа може да одлучуваат само лицата внатре во организацијата. Сите приказни дека некој со некого се договорил за смена на селекторот се новинарски шпекулации, ништо друго“ – вели Кокеза.
Но, и од начинот на овој негов одговор, српските медиуми повторно извлекуваат можност за смена на актуелниот селектор.
На Муслин му се замерува, наводно, за неефикасната игра на тимот, иако во десет меча Србија имаше 20-10 гол разлика, пренагласената дефанзивна тактика како и неповикувањето на Сергеј Милинковиќ-Савиќ во репрезентацијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА