Мик Шумахер не се покажа во најдобро издание во својата прва сезона во европската Формула 3 и се најде на удар на жестоки критики, но 18-годишниот син на легендарниот Михаел Шумахер смирено истакнува дека оди по својот пат и не се споредува со врсниците кои напредуваат побрзо во автомобилскиот свет.
Младиот Шумахер во својата прва сезона во Ф3 заврши на 12.место во вкупниот поредок, со само еден подиум во 30 трки. Од друга страна, една година помладиот Британец, Ландо Норис со кој беше конкурент и во трките од германската Формула 4, го надмина и во Ф3 и со шампионската титула е се поблиску до влез во елитното автомобилско натпреварување. Британскиот тинејџер може веќе може да се пофали и со тестови за Ф1 тимот на Мекларен на „Хунгароринг“ и со извозен побрз круг од Фернандо Алонсо во годинашните квалификации. Токму поради тоа, Мик Шумахер се најде под притисок на критиките и констатациите дека го нема талентот на својот славен татко и тешко се пробива низ младинските категории. Но, младиот Шумахер на сето тоа мирно одговори дека оди по својот пат и не се споредува со никого.
„Мојата цел секогаш ќе биде Формула 1. Не ги гледам другите возачи, концентриран сум на себе. Секој се развива со своја брзина, тоа не може да се споредува. Одам чекор по чекор и се подготвувам себе си за иднината. Кога ќе бидам подготвен, ќе го направам следниот чекор, но прво морам да се докажам. Во мојата прва сезона во Формула 3 се обидов да научам што повеќе и задоволен сум. Ќе се обидам да бидам подобар во сите области“ – вели Мик Шумахер.
Младиот Шумахер треба и следната сезона да остане во Формула 3,а потоа да се пресели во Формула 2 која оваа година го смени името од поранешната ГП2 серија. Мора да се докаже во двете категории за да добие суперлиценца за настап во елитната Формула 1 и да тргне по стапките на својот славен татко кој има рекордни седум титули во најелитното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА