Томас Милер беше една од најголемите „жртви“ при тактиката на Карло Анчелоти, па германскиот ас беше далеку од посакуваната форма и го загуби првотимскиот статус во Баерн Минхен. Ситуацијата експресно се промени со доаѓањето на Јуп Хејнкес, па германскиот офанзивец за само десетина дена работа со овој стратег повторно делува како во своите најдобри денови. Тој против Селтик го постигна својот 40. гол во Лигата на шампионите, а по натпреварот доби и пофалби од самиот тренер.
„Томас Милер одигра многу добро и во саботата, но затоа против Селтик беше одличен. Не говорам само за голот, туку за работата, трчањето, затворањето на дупки во одбраната. Го видов стариот Томас Милер, оној што го знаев од мојот претходен ангажман овде“ – истакна Хејнкес.
Самиот фудбалер е задоволен од подобрувањето на формата, но исто така и свесен дека постои голем простор за напредок во тимската игра на Баерн.
„Не се важни моите голови, се надевам дека клубот ќе биде најголем профитер од тренерската смена, дека наскоро ќе се вратиме на врвот на табелата. Мораме да продолжиме со напорна работа, да ги отстрануваме грешките што ги правиме во текот на натпреварите“ – скромно изјави Милер по дуелот со Селтик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА