По пауза од 7 години, кружните авто трки повторно се враќаат на скопскиот асфалт! Во организација на АКК Примо АВЈ, на 21. и 22. октомври ќе се одржи меѓународната трка “Скопје круг 2017“. По долгогодишната пауза, нашите најдобри возачи се враќаат на традиционалната скопска патека пред зградата на Македонската телевизија на булеварот Гоце Делчев и улицата Беласица пред влезот во Скопски саем.
Долги години многубројните фанови на авто трките во Скопје токму на оваа патека имаа можност да уживаат во мајсториите на голем број легендардни имиња и мајстори на октани како од нашата земја така и од регионот. Овој викенд ќе ја освежиме колективната меморија и повторно ќе имаме можност да гледаме возбудливи дуели на ова парче од легендарниот скопски асфалт. Трката ќе има и меѓународен карактер и на неа освен домашните возачи ќе настапат и екипажи од Србија, Бугарија и Косово, а има најава и за учесници од Грција.
Патеката ја задржува стандардната должина од 2.050 метри. Тренинзите и квалификациите ќе се одржат во сабота, на 20 октомври, а трките во недела. Двата дена настанот започнува од 12 часот. Во зависност од бројот на учесници, организаторот очекува дека ќе има три дивизии, односно три трки.
„Понесени од тонењето на македонскиот автомобилизам во последниве години во кои тој го допре дното, односно целосно замре, се одлучивме на ваков чекор за да го вратиме вниманието на јавноста со надеж дека состојбата конечно ќе се разреши во овој спорт кој во нашиот главен град собираше по неколку десетици илјади гледачи на Водно или покрај МРТВ. Не сме организирале трка во Скопје веќе 7 години, па денес возбудувањето е како на самите почетоци. Во тек се организациските подготовки околу самата патека и безбедноста на публиката, контактираме со странските возачи кои би сакале да настапат и се надеваме дека Скопјани по долги години пауза повторно ќе имаат можност да уживаат во уште еден спектакл на четири тркала“ – вели Александар Димушевски, претседател на АКК Примо АВЈ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА