Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо постави неславен рекорд против шесте екипи кои се борат за титулата во Премиер-лигата. По ремито од 0-0 со Ливерпул, потругалскиот стратег успеа да освои само пет бода од последните 10 гостувања против „големата шестка“. Легендата на Јунајтед, Питер Шмајхел ја критикуваше неговата тактика како „здодевна“, откако Мурињо го реши да го „паркира автобусот“ против составот на Јирген Клоп.
„Сметам дека натпреварот беше здодевен. Можеби не сум објективен кога зборувам за Јунајтед, но тие треба на секој меч да играат за победа. Мурињо можеби ќе треба да го смени пристапот на гостувањата против тимовите кои се борат за шампионатот“, вели Шмајхел.
Мурињо со неговите две екипи (Челси и Манчестер јунајтед) нема остварено победа на гости кај конкурентите нешто помалку од две години. Неговите состави примиле 16 погодоци на 10 средби, погодиле само четири пати, од кои три гола се од голеадата на Тотенхем и Челси со резултат од 5-3 во јануари 2015 година. Сите пет освоени бодови се при резултат од 0-0, две реми се против Ливерпул, по едно со Сити, Тотенхем и Арсенал.
Точно е дека титулите се освојуваат со „малите“ екипи, но факт е и дека мора да се победи и по некој дерби дуел, што на „специјалниот“ во последно време воопшто не му оди од рака.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА