Кошаркарот на Карпош соколи, Стојан Ѓуроски за првпат се соочи против својот поранешен клуб, МЗТ Скопје, а од Аеродром заминува со значајна победа. Ѓуроски истакна дека и покрај проблемите, екипата од Карпош денеска излезе на терен, и не само што беа конкурентни, туку одиграа и повеќе од очекуваното. Нивното главно оружје беше тимскиот дух, а по професионализмот кој го покажаа на паркетот, кошаркарите на Карпош соколи сега бараат од управата да го исполнат ветеното, и да ги исплатат средствата што ги должат.
„Денеска покажавме карактер, одигравме повеќе од очекуваното. Тимскиот дух не водеше во текот на целиот натпревар, и покрај проблемите со кои се соочува клубот, ние излеговме на терен и го одработивме нашиот дел од договорот“, вели Ѓуроски.
Во рамките од првото коло од македонската Прва лига, Соколи ги обезбедија и првите бодови, а Ѓуроски вели дека секогаш е убаво да се победува во „Јане Сандански“.
„Секогаш е убаво да се бележат победи во оваа сала, но не ми е сеедно што остварив триумф против мојата поранешна екипа. МЗТ е клубот кој секогаш сум го почитувал“, додаде Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА