Гостивар во драматичен натпревар успеа да слави среде Кавадарци над Фени индустри со резултат, со што новиот прволигаш го зеде скалпот на ланскиот финалист од Купот на Македонија (92-96). Најзаслужни за оваа победа беа младите македонски кошаркари Робев и Зекири, кои кога беше најпотребно ја презедоа одговорноста, погодија неколку значајни шутеви и уште на стартот од сезонава покажаа дека кога ќе им се укаже доверба, и домашните играчи се способни да ја искористат. Двајцата млади играчи летово дојдоа во Гостивар од редовите на Вардар и веднаш покажуваат дека се доволно добри не само да се натпреваруваат, туку и да решаваат средби од нашата прва лига.
По израмнетиот старт на мечот, Гостивар влезе во ритам во вториот дел од првата четвртина, кога по водството на домаќините од 12-10, тимот на Србиновски предводен од Сегариќ и од Димчевски постигна 13 поени во низа и стигна до двоцифрена предност. Сепак, Фени му дозволи на гостинскиот тим само уште два поени до крајот на четвртината, која на крајот заврши со пристојни четири поени разлика (21-25). Тимот на Марјан Србиновски продолжи со ефикасна игра и во вториот дел, па на одмор замина со 50 постигнати поени (45-50).
Јасно беше дека Гостивар тешко ќе може да издржи во исто темпо цел натпревар, а штом гостите за момент загубија здив, Фени експресно се врати, уште во третата четвртина вртејќи го резултатот во своја полза. Со поените на Горјан Марковски кавадарчани на средина од последниот период поведоа со 82-75, но гостиварци покажаа карактер и се вратија. Токму во тие моменти блеснаа младите македонски кошаркари, најпрвин Робен погоди неколку пати од далечина, потоа Зекири нанижа седум поени, за целосен пресврт и конечен триумф на Гостивар од 92-96.
Сегариќ со 18 поени и 10 асистенции беше најзабележителен кај победничкиот тим, додека Зекири го заврши мечот со 16, а Робев со 14 поени. Кај Фени индустри најефикасен беше Андреј Магдевски, кој го заврши мечот со 21 поен и осум асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА