АВ Охрид на свој паркет дебитира во АБА – втора лига: Прва пречка – Борац Чачак

Македонскиот суперлигаш, АВ Охрид денеска (17 часот) го почнува походот во Втората јадранска лига. Пред своја публика во салата „Билјанини извори“, прв противник на охриѓани ќе им биде претставникот од српското првенство, Борац Чачак.

„Галебите“ имаат јасна цел за регионалното натпреварување. Нивните амбиции се да го промовираат клубот во што подобро светло, да бележат што е можно повеќе позитивни резултати. Предводникот на екипата, Петар Чочороски посочи дека мечевите од АБА – втората лига ќе служат како тестирање на силите на неговите кошаркари, но исто така им ќе пристапат со многу внимание.

„Настапот во втората лига на АБА е предизвик за секој мој играч. На сите натпревари ќе посветиме целосно внимание, бидејќи ќе се пресметаме со мошне квалитетни екипи, иако играме во пониско рангираното првенство. Токму Борац е една од тие екипи, кои имаат голем квалитет, и секогаш се конкурентни на Партизан и Црвена звезда во српското првенство“, истакна Чочороски.liamthomasOhrid

Чочороски вели дека е чест и задоволство да се игра против квалитетен тим како што е Борац, екипа од која произлегле многу таленти и познати имиња на српската кошарка.

„Задоволство е што во салата „Билјанини извори“ ќе имаме ваков квалитетен противник. Борац секогаш имале цврста екипа, а познати се како клуб од каде излегле многу талентирани играчи. Легенди како Радмило Мишовиќ, Жељко Обрадовиќ, Драган Киќановиќ се дел од звучните имиња кои ги бранеле боите на овој тим. Пред нас е голем предизвик, но имаме голем мотив да се надигруваме по остварената победа на стартот од домашната лига“, додаде тренерот на „галебите“.

Охриѓани се подготвуваа нешто помалку од два месеци за новата сезона. Претсезонските подготовки во Шибеник беа добар тест за Охрид, каде одиграа три контролни натпревари против  Јажине – Задар, екипата на Кастелан од Сплит, како и домаќинот состав на Шибенка. Со два порази и еден триумф, охриѓани се вратија задоволни од настапите во Хрватска, а последното тестирање на силите беше со екипата на Куманово.

Чочороски во летниот период го засили составот со четири странски имиња. Од Франција пристигна крилото Реми Бери, бекот на Черно море, Сланислав Чонков, кој играше шест сезони за бугарскиот тим. Охрид се зацврсти и под обрачот, австралиецот Лијам Томас ја зајакна центарската позиција, но денес нема да настапи поради повреда. Како организатор на играта ќе биде Американецот Keј-Си Росс Милер. Кон крајот на летотот во составот пристигна и засилување од Вардар, бекот Војче Лефковски.

„Задоволен сум од претсезонските подготовки. Силите ги меревме против три достојни противници. Од три меча забележавме само една победа, но со поразите ги увидовме нашите најголеми слабости и посветувавме повеќе внимание да ги корегираме. Странските играчи кои пристигнаа ова лето засега ги оправдуваат средствата. Лесно се адаптираа и за кратко време се воиграа со останатите кошаркари, сметам дека ќе бидат доследни на очекувањата“, изјави Чочороски.

Натпреварот Ав Охрид  – Борац Чачак е закажан за денеска, со почеток во 17 часот во салата „Билјанини извори“.

 

Се вчитува...