Финиширањето на главната квалификациска фаза ги даде имињата на поголемиот дел од учесниците на СП 2018 во Русија. Меѓу нив има изненадувања, исто како што се непријатно изненадени и неколку ѕвезди на светскиот фудбал за кои се очекуваше дека ќе бидат дел од собирот во Русија следното лето.
Во преден план тука е Алексис Санчез, чилеанскиот ас кој со својата селекција во последните две изданија на Копа Америка стигнуваше до трофејот. Сепак, кога станува збор за квалификациите за СП, Чилеанците потфрлија во последните неколку натпревари (четири порази и една победа), па од сигурни патници со последниот пораз од Бразил паднаа на шестата позиција, недоволна ниту за бараж. Алексис го постигна голот за победа минатото коло против Еквадор, но тоа беше негов единствен погодок во последните пет кола.
Пјер Емерик Обамејанг е уште еден врвен напаѓач што нема да го гледаме во Русија. Габон не успеа да ги мине африканските квалификации, Обамејанг обвинуваше дека Мароканците им ставиле на него и неговите соиграчи нешто во сокот од портокал пред клучниот натпревар, но Габон и пред тој дуел играше очајно, во шест меча освојувајќи само пет бода и освојувајќи го третото место во групата, зад Мароко и Брегот на Слоновата Коска.
Арјен Робен синоќа постигна два гола за Холандија против Шведска, што сепак се покажа недоволно за асот на Баерн Минхен да ги одведе „лалињата“ на СП 2018. По натпреварот тој обелодени дека ја завршува својата репрезентативна кариера, без освоен трофеј со националниот тим, со кој најголем успех му е пласманот во финалето на СП 2010, каде загуби од Шпанија.
Герет Бејл лани оствари одличен резултат на ЕВРО 2016, но догодина Велс нема да го гледаме на мундијалот. Велшаните го освоија само третото место во групата, губејќи го последниот меч на домашен терен од Република Ирска што можеше да им донесе бараж, а голем дел од причините за неуспехот беа токму честите повреди на Бејл, поради што асот на Реал Мадрид пропушти значаен дел од овие квалификации.
Марек Хамшик со Словачка успеа да стигне до посакуваното второ место во групата (зад Англија), но Словаците се покажаа како најголеми малери, испаѓајќи како најслаба од деветте второпласирани селекции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА