По оној срамен пораз од Андора на сениорите, уште една аматерска репрезентација запишува историја против Македонија. Овој пат Гибралтар ќе се запише во историјата со прва победа на било која своја селекција на официјалните интернационални натпреварувања откако младата нивна репрезентација за играчи до 21 година запиша шокирачка, за нас, победа од 1-0 против Македонија во квалификациите за ЕП 2019 во Италија.
Новите надежи на Благоја Милевски одиграа крајно разочарувачки натпревар во кој не само што не успеаја да го скршат отпорот на противникот, но дозволија од една своја шанса Гибралтар да дојде до првиот гол и веднаш и до првата победа во квалификациите.
Македонија на мечот играше без Елиф Елмас и Никола Ѓоргев кои добија повик во сениорската селекција за дуелот со Лихтенштајн, како и Чешмеџиев кој заработи црвен картон на претходниот дуел со Србија… Па младите демонстрираа единствено немоќ да го пробијат бункерот на домашните, покажувајќи дека сепак оваа генерација ниту оддалеку не е како онаа претходната – херојска која не одведе на ЕП во Полска.
Првата шанса за нас дојде во 22. минута кога Тихомир Костадинов се најде во одлична позиција но беше блокиран неговиот удар. Веќе во следната минута и Амановиќ се обиде но неуспешно.
По овој период, иако ние се обидувавме постојано за погодок а домашните очекувано концентрирани само на одбраната, не успеавме да создадеме ниту една посериозна шанса. Се до 39. минута кога Костадинов беше во одлична шанса но домашниот голман одбрани. Чуварот на мрежата на Гибралтар спаси и во 42. минута по обидот на Селмани, како и во 45. минута кога од само 5-6 метри Костадинов не успеа да погоди.
Очајно го почнавме ние второто полувреме, за 20 минути не создавајќи ниту една можност. Па, во 64. минута следеше казната на домашните кои од првата своја акција кон нашиот гол, од прекин, преку Ториља стигнаа до водство од 1-0.
Од тогаш како да се свестија македонските фудбалери па тргнаа поагресивно. Во 65. минута Костадинов имаше неуспешен обид, а во 66. минута Георгиев го погоди дирекот од противничкиот гол. Во 72. минута повторно Георгиев имаше убав обид, но непрецизен.
Во 88. минута Бесар Исени имаше неверојатна шанса барем за бод, но од ситуација во која беше невозможно да не се реализира не успеа да погоди. Сето тоа на крај за триумф на Гибралтар од 1-0. На крај во 95. минута и Попзлатанов уште заработи и црвен картон.
У21 – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2019 – ГРУПА Л
ГИБРАЛТАР – МАКЕДОНИЈА 1-0 (0-0)
Стадион „Алгарве“ во Фаро, Португалија. Гледачи: 300. Стрелци: Ториља 64′ (Г). Ж. картони: Џоли (Г), Попзлатанов, Абаз, Симовски (М). Црвен картон: Попзлатанов 95′ (М).
ГИБРАЛТАР: Банда, Крисп, Брито, Анесли, Џоли, Ториља, Балантин, Винет, Пизаро, Исола, Хернандез
МАКЕДОНИЈА: Ѓоргев, Попзлатанов, Костов, Амановиќ, Симовски, Тотре, Исени, Георгиев, Петковски, Костадинов, Селмани (55′ Абаз)
ЕРМЕНИЈА – АВСТРИЈА 0-5
СРБИЈА – РУСИЈА 3-2
ТАБЕЛА: Србија (3 нат.) 9 бода, Русија (3 нат.) 7, Ерменија (5 нат.) 7, Австрија (3 нат.) 6, МАКЕДОНИЈА (3 нат.) 3, Гибралтар (6 нат.) 3 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА