Ливерпул летово одолеа на налетите на Барселона по Филипе Кутињо, но челниците на англискиот клуб ги очекува нов сериозен предизвик – да го задржат бразилскиот генијалец од офанзивата што ПСЖ ја подготвува за негов ангажман.
Не е никаква тајна дека Нејмар стана сива еминенција во клубот од Париз со мегатрансферот од Барселона, па сега Бразилецот инсистира за соиграч да му биде доведен Кутињо, кој важи за негов добар пријател од бразилскиот национален тим. Воедно, тоа би претставувала и своевидна одмазда на Нејмар кон Барселона, со оглед на фактот дека каталонскиот гигант се уште се надева дека наредното лето би можел да го доведе асот на Ливерпул на „Камп ноу“.
Бразилските медиуми најавуваат дека веќе е воспоставен контакт со агентите на Кутињо, а преговори со Ливерпул нема да се стартуваат најмалку уште пет месеци, бидејќи ПСЖ ионака нема шанси да доведува нови мегаѕвезди во текот на сезонава додека не ги задоволи правилата за финансиски ферплеј. Офанзивата за Кутињо се подготвува за мај и јуни, кога се очекува „светците“ во понудата да вклучат и двајца фудбалери, се со цел да го убедат Ливерпул на разговори. Вредноста на Кутињо на пазарот е над 120 милиони евра (сума што Ливерпул веќе ја одби од Барселона), но францускиот вицепрвак се надева дека ќе плати многу помалку со тоа што во Англија ќе испрати некого од Ди Марија, Моура, Дракслер и уште неколку играчи на кои Емери не смета сериозно сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА