Игор Стефановски Иџе и покрај одличните настапи во текот на целата сезона не успеа да приреди чудо и да се закити со титулата во ЕТЦЦ шампионатот.
„Летечкиот Македонец“ се надеваше на две одлични трки денеска во Мост, Чешка, за да се искачи на врвот во генералниот пласман, но за жал желбите на Иџе и на целокупната македонска спортска јавност не се исполнија. Тој ги загуби сите шанси веќе во првата трка, кога најпрвин во седмиот круг одлично го мина Наѓ, но на еден од следните свиоци се удри во Петр Фулин. Стефановски го мина Фулин, но поради овој инцидент беше казнет со минување низ „пит-стопот“, по што го освои само осмото место.
Тоа му овозможи подобра стартна позиција при втората трка, па Стефановски веќе во раната фаза се најде на чело на колоната. За жал, следеше мал судир со Шрајбер по кој Швајцарецот ја заврши трката, Иџе продолжи, но го загуби водството, па на крајот мораше да се задоволи само со петтата позиција.
Петр Фулин и дефинитивно со победата во втората трка е новиот шампион во ЕТЦЦ шампионатот пред Унгарецот Наѓ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА