ЕКИПА во Торино, Италија
Никола Ѓуровски
Фудбалот е многу повеќе од спорт, УЕФА за свое главно мото ја пропагира респекта кон играта и кон противникот, а согласно почитта што ќе ја добиеш од противникот и воглавно се одередува колку си успешен, оставајќи зад себе дела и за генерациите што допрва ќе доаѓаат. Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев своето име го изгради на „чизмата“ и сега, кога е речиси на крајот од блескавата кариера, дочека и да биде предводник на својата родна Македонија против Италија, земјата која секако е неговиот втор дом.
Треба да дојдете во Италија за навистина да видите колку тие го сакаат фудбалот, да поразговарате со фановите, новинарите, обичните фудбалски вљубеници, а сите тие ќе ви дадат ист одговор на тоа прашање…Горан Пандев? Ахх, „уна гранде џокаторе“.
Вакви епитети, за нашиот „Ил Гранде Мачедоне“, овде во Торино, употребуваат сите, од навивачите, кои добро го познаваат по неговите фантастични игри во Серија А, преку дефанзивецот Џорџо Кијелини, голманог Џанлуиџи Буфон, до селекторот на „аѕурите“, Џампјеро Вентура. Секако, и овдешната фудбалска и комплетна спортска јавност.
Вечерва на Олимпискиот стадион во Торино, со почеток во 20.45 часот, Горан Пандев со капитенската лента ќе ја поведе подмладената Македонија во обидот да направи големо фудбалско изненадување и да направи позитивен резултат во еден квалификациски меч против четирикратниот светски првак. Колку и да не е реално, сепак, македонското срце чука и се надева дека и тоа може да се случи. Во фудбалот, има и сензации, нели…
Пандев е реален, тој најмногу знае против каква велесила ќе игра вечерва Македонија, но и потајно се надева дека изненадувањето може да се случи.
„Посакувам да одиграме квалитетен натпревар и да покажеме дека можеме да се надигруваме со најсилните селекции во Европа. Италија е дефинитивно една од репрезентациите што е во самиот врв, со огромна традиција, со фудбалски квалитет каков што малку други можат да се пофалат. Но, ние дојдовме да одиграме најдобро што знаеме и се надеваме на најдобро. Дали ќе биде доволно, ќе видиме. Посакувам по натпреварот да бидеме задоволни од нашиот настап, а јас да бидам горд на својот национален тим. Буфон? Не би имал ништо против да му дадам уште еден гол, овојпат во дресот на репрезентацијата. А потоа, и на двајцата ни се ближи крајот на кариерата“, изјави Горан Пандев пред италијанската фудбалска јавност.
Гранде Пандев на Гранде Олимпико…со својата Македонија против „неговата“ Италија. Нека биде едно Гранде Изненадување, па сите на крајот да се радуваме, и со години да раскажуваме…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА