Екипата на Шкупи ќе биде нов кошаркарски прволигаш откако аплицираше во МКФ при најавите за проширување на лигата, а потоа и ја уплати сумата од 5.000 евра (во денарска противредност) како прва рата за котизација и учество во прволигашката сезона. Сепак, во следните денови ќе треба да се разреши уште една дилема – каде Шкупи ќе ги игра своите домашни натпревари со оглед на фактот дека салата во Чаир не ги задоволува критериумите за прволигашка кошарка.
Од страна на МКФ и од Комесарот за натпреварување веќе е испратен допис до прволигашот од Чаир, во кој се наведени сите недостатоци на оваа сала, за кои шансите за отстранување во краток рок се теоретски.
Во една таква ситуација, раководството на Шкупи ќе треба час поскоро да донесе одлука каде ќе ги пречекува ривалите на своите домашни натпревари. Во Скопје прифатливи опции во моментов се СЦ „Борис Трајковски“, но и салата при „СРЦ Кале“, каде пред неколку сезони Лирија ги играше своите домашни средби во македонското првенство. Лирија претходно една година мина како домаќин во Сарај, па останува да се види каква ќе биде одлуката на Шкупи, која ќе мора експресно да биде донесена бидејќи новата сезона ќе стартува за неколку дена, веќе на 7 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА