Во вториот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Франција, женската ракометна репрезентација на Македонија денеска (19 ч.), во СРЦ Кале ја пречекува репрезентацијата на Србија. Двете селекции имаа различен старт во новиот квалификациски циклус. Македонските ракометарки во првиот меч на гостувањето во Лунд беа убедливо поразени до фавориот Шведска (38-26), а Србинките славеа сигурна победа на домашен терен против Фарски Острови (36-20).
Резултатите, но и искуството на српската репрезентација во чиј состав одново е Андреа Лекиќ, а на голот повторно е Катарина Томашевиќ, на Србија и носат улога на фаворит во овој дуел. Домашниот терен пак е мотов повеќе за македоскиот состав да пружи достоен отпор и да одигра на највисоко ниво.
„Сите знаеме дека Шведска и Србија се фаворити во оваа група. Свесни сме за квалитетот и искуството што го поседува репрезентацијата на Србија. Го анализиравме нивниот натпревар со Фарски Острови, добро се покриени на сите позиции, имаат искусни репрезентативки што играат на високо ниво во големи клубови, што нас ни недостасува. Повозрасни се и многу поискусни од нас, но тоа не смее да биде никакво алиби за нас. Не е се предаваме однапред и ќе настојуваме да одиграме на највисоко ниво. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра и достојно да се спротиставиме. Треба време и трпение овој систем на работа да ги даде посакуваните резултати со оваа репрезентација. На првиот натпревар во Шведска и покрај поразот, одигравме добро, посебно во нападот. Голманите и одбраната не фунцкионираа на посакуваното ниво и се обидовме дел од тоа да корегираме изминативе денови во подготовките за дуелот со Србија. Верувам дека тое ќе биде прифатено и применето од ракометарките и дека ќе одиграме многу подобро против Србија“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација, Симе Симовски.
И покрај искуството и квалитетот и фаворитската улога со која доаѓаат во Скопје, во српскиот состав сепак, во дуелот влегуваат максимално внимателно и со респрект за домаќинот.
„Ние сме фаворити, не само на хартија, туку тоа мора да го покажеме и на терен. Швеѓанките беа фаворитки во првиот дуел со Македонија и дојдоа до победа. Меѓутоа, ние не се осврнуваме на тој натпревар, туку на нашиот дуел со Македонија. Очекувам една добра атмосфера во „Кале“. Девојките мора да го почувствуваат притисокот на своја кожа и да реагираат на вистински начин“ – изјави селекторот на Србија, Љубомир Обрадовиќ во пресрет на денешниот натпревар.
Во вториот меч од третата квалификациска група, денеска (17 ч.), репрезентацијата на Фарски Острови ја пречекува Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА