По лошиот старт со два порази по ред, ракометарите на Металург во третото коло од Д групата во Лигата на шампионите, денеска во СЦ „Борис Трајковски“ (17.30 ч.) го пречекуваат португалскиот Спортинг Лисабон. За „металурзи“ релативно нов противник во ЛШ, но со неколку добро познати лица во составот.
Португалскиот тим го предводи поранешниот играч на Металург, Јанко Божовиќ. Искусниот десен бек од Скопје се пресели во Лисабон, по исклучително успешната сезона или полусезона, во дресот на Металург (2015/2016), бидејќи во меѓувреме неколку месеци настапуваше како позајмен играч во катарскиот Ал Рајан.
Покрај Божовиќ, добро познати имиња во составот на Спортинг се и српскиот репрезентативец, Иван Никчевиќ, како и поранешниот играч на Барселона, левиот бек, Карлос Пасарин Руесга.
За разлика од Металург кој има два порази по првите две кола, еден во гости од Монпелје (32-22) и еден дома од Бешикташ (27-31), портигалскиот тим има половичен успех – победа во гости против Бешикташ (26-30) и пораз на домашен терен од Мотор Запорожје (23-31).
Металург и сезонава со значително изменет состав, се уште ја бара вистинскат игра, а по двата порази во серија, дополнителен проблем во консолидацијата на тимот може да биде и отсуството на тренерот Лино Червар. Хрватскиот тренер по дуелот со Бешикташ замина во Загреб поради “селекторските обврски“, а подготовките на Металург за дуелот со Спортинг му ги препушти на својот помошник, Александар Јовиќ.
Со или без Червар на клупата, „металурзи“ секако, фаворитската улога му ја препуштаат на противникот, но останува заложбата да влезат борбено во дуелот и да се обидат со добра колективна игра успешно да му парираат на Спортинг. И, евентуално да стигнат и до првите бодови во ЛШ сезонава, доколку успеат да се трансформираат „од мачиња во лавови“ како што побара Александар Јовиќ.
„Треба да престанеме со криење од типот „имавме лош ден или лошо судење“, време е да се трансформираме и од „мачиња“ да станеме „лавови“. Само така можеме да и се спротивставиме на екипата на Спортинг. Ќе мора да бидеме беспрекорно борбени во одбраната што е предуслов за лесни голови во нападот. Ракометот е колективна игра и нема многу простор а индивидуализам. Силен колектив може да исфрли квалитетен поединец на површина, но еден поединец не може сам да го влече целиот тим напред“ – рече Александар Јовиќ во пресрет на денешниот меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА