МЗТ Скопје летово најави промени, но ретко кој очекуваше дека резултатите од нив ќе дојдат така брзо. Не станува збор само за конечниот исход и големата радост по победата, туку за целокупниот впечаток што останува по вечерашниот меч.
Прво и најважно, сала со повеќе илјади гледачи и гласно навивање, нешто што премногу недостигаше во последните сезони. Верба во Македонците, па така Мекиќ одигра значајна улога во одбраната, Стајиќ и Пенов имаа минутажа, а кога беше најважно, топката беше кај домашните играчи – па Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски беа прецизни во клучните моменти и ја донесоа победата – како што прилега на македонскиот првак.
Секако дека имаше и слабости и осцилации во играта, нема сомнеж дека на нив ќе се работи во периодот што следи, но она што е најважно е што МЗТ Скопје повторно станува тим со победнички дух, со храбри момци аеродромци на терен и фанатични навивачи на трибини – нешто што отсекогаш било одлика на овој клуб, уште и пред да ја почне својата доминација и жетвата на трофеи на домашната сцена. Александар Тодоров очигледно знае како да го извлече максимумот од овој тим, но исто така е свесен и дека никако не смее да дозволи лет во облаци, бидејќи колку и да е слатка вечерашната победа, таа е само почеток на една долга сезона во која МЗТ ќе се соочува со поголеми предизвици.
[new_royalslider id=”790″]
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА