Првата кошаркарска лига на Македонија дефинитивно ќе се прошири и во новата сезона ќе се натпреваруваат 12, наместо досегашните десет екипи. Клубовите преку гласање дале поддршка за иницијативата од страна на раководството на МКФ, кое претходно објави дека смета дека ова е одлука со која би се направил чекор напред во македонската кошарка, воедно и играчите би биле во натпреварувачки ритам пред летните квалификациски средби.
Од сите клубови кои гласале против предлогот на Петар Наумоски бил само шампионот МЗТ Скопје, по што веќе нема дилеми дека во новата сезона дел од елитното друштво ќе бидат дванаесет клубови.
Со оглед на фактот дека сезоната е предвидена да стартува на 7 октомври, ќе следи трка со времето околу тоа кои две екипи ќе бидат дел од елитата. Според информациите од МКФ, први на списокот за проширување се Академија ФМП и Шкупи, кои единствени (имаше најави и за вториот тим на Карпош соколи, но овој клуб не испрати апликација за својот втор тим) испратија писмо со намера дека се подготвени да станат дел од елитата. Бидејќи таквиот став беше поднесен пред петнаесетина дена, овие два тима денеска ќе треба да го потврдат истиот, а потоа најдоцна до понеделник да ја уплатат првата рата од котизацијата, во висина од 5.000 евра во денарска противредност.
Доколку еден од овие два тима во меѓувреме се откаже, следен со намера за учество во Првата лига е Пелистер, како претпоследнопласиран тим од ланската сезона, па дури потоа како последна опција е Вардар.
Во текот на следната седмица ќе биде извршено и извлекувањето на двојките за календарот за натпреварување, во кој ќе учествува и МЗТ Скопје откако во претходните сезони „металците“ го прескокнуваа овој дел од шампионатот поради учеството во АБА-лигата и во уште едно регионално натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА