Гонзало Игуаин се наоѓа далеку од посакуваната форма на стартот од сезонава, па тренерот Алегри втор меч по ред го пресели својот најдобар голгетер на клупата за резерви. Сепак, тој синоќа против Олимпијакос ја имаше улогата на херој, постигнувајќи го голот за водство веднаш по влегувањето во игра на местото на Квадрадо.
„Не чувствувам дека сега сум се ослободил од некаков товар, отсекогаш сум се чувствувал слободно. Десет години играм во Европа, сум постигнал многу голови и знам како да се однесувам и кога не оди како што треба. Најважно е да се продолжи да се работи, а резултатот ќе дојде. Не ме вознемируваат критиките, знам дека тие со еден до два гола се претвораат во огромни комплименти, најважно од се е да се има верба во самиот себе. Јас го имам тоа, а голот го посветувам на сите оние кои веруваа во мене“ – изјави Игуаин по натпреварот.
Тренерот Масимилијано Алегри смета дека оставањето на клупата на Аргентинецот придонело тој да добие на свежина.
„Направив избор бидејќи Игуаин беше во послаба форма од останатите. Сепак, тој денеска се движеше многу подобро, делуваше мотивирано. Гонзало никогаш не бил проблем, но моја работа е да го извлечам најдоброто од фудбалерите. Тој останува играч кој ќе ни донесе многу победи“ – истакна Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА