Тодоров: Македонскиот концепт е неопходен, кошарката веќе не е спорт број 1

Шест години по заминувањето од кормилото на МЗТ Скопје, само неколку месеци по освоената прва шампионска титула, Александар Тодоров повторно се наоѓа на кормилото на клубот од скопската населба Аеродром. Со амбиции исти како и при претходната авантура – двојна титула во Македонија, Тодоров овојпат има и поинаков предизвик, да го врати имиџот на „македонски клуб“ на МЗТ, откако во последните неколку години странските кошаркари го имаа главниот збор во оваа екипа.

Ние и на првата прес-конференција го претставивме нашиот концепт како македонски, поради неопходноста да почне да се функционира на таков начин. Едноставно, случувањата во последните години придонесоа да се играат натпреварите пред 200-300 гледачи, клубови да нудат бесплатен влез само за да донесат човек повеќе на трибините. Форсирањето на странски кошаркари го стори своето, а згора на тоа го загубивме и приматот на „Спорт број 1 во Македонија“ откако во ракометот се вклучија двајца успешни луѓе. Сето тоа загрижува, а ние како МЗТ Скопје чувствуваме обврска да свртиме нов лист и во нашиот клуб отсега главниот збор да го имаат Македонците. Планот беше да имаме само тројца странски кошаркари, но поради повредата на Симоновски бевме принудени да доведеме и четврти играч, кој е ангажиран со краткорочен договор до камбекот на нашиот репрезентативец. Впрочем, ние во своите редови имаме осум сениорски или младински репрезентативци, што никако не е мала работа“ – истакнува Тодоров.

Веднаш по откривањето на замислите за акцент на домашните играчи следеа и разговори со речиси сите репрезентативци на Македонија.

todorov3

„По таа наша најава дел од играчите се обидоа добро да ја наплатат желбата на МЗТ да има што повеќе домашни кошаркари во своите редови, од тој аспект можеби ќе беше подобро и потивко да ги спроведуваме своите планови, но ние сепак сакаме да се знае кон што се стремиме. Разговарав со речиси сите репрезентативци, дури и со Владо Илиевски околу евентуално продолжување на кариерата, со некои се договорив, со дел од нив не, но севкупно гледано задоволен сум од тимот што го имам на располагање“ – вели стратегот на „металците“.

Од играчите со кои не успеал да најде заеднички јазик, најмногу жали за еден.

„Кристијан Николов. Тоа е кошаркар што е исклучително талентиран и што сакав да го видам во МЗТ, но не постоеше начин сето тоа да се реализира. Во предвид доаѓаше само позајмица, но тој потоа со склоп на околности доби значајна минутажа во својот сегашен клуб, така што немаше начин Николов да дојде во нашиот тим. Исто така, интересна опција ми беше и младиот Робев, но тој избра клуб каде би играл повеќе, аргументи што се сосема логични“ – открива Александар Тодоров.

Улогата на лидер на тимот повторно ќе му припадне на Дамјан Стојановски, кој влегува во посакуваната форма по тешката операција на коленото и паузата од една година од кошаркарските терени.

Дамјан една година беше во аут, но малкумина знаат дека ние уште од месец април интензивно трениравме, се со цел кога ќе дојде време да се врати тој да биде во добра форма. Ги одигра сите седум контролни средби летово и можам да кажам дека сум многу пријатно изненаден од начинот на кој игра, бидејќи е јасно дека вообичаено во ваков вид на повреди има одредена доза на страв кај кошаркарите. Тој е полн со самодоверба и ќе биде вистински лидер, како тренер можам да кажам дека ми е исклучително задоволство што го имам Дамјан Стојановски како играч, човек и вистински професионалец во своите редови“ – Тодоров има само пофални зборови за својот капитен.

Шефот на стручниот штаб на „металците“ имаше полни раце работа во текот на летово, со оглед на фактот дека МЗТ повторно го „реновираше“ речиси целиот тим.

todorov2

Логично е да имаме проблеми со воиграноста кога играчите немаат настапувано еден крај друг. Главен проблем на првите средби ни беше одбраната, на турнирот во Турција во просек постигнувавме над 80 поени, но сепак губевме. Можам да кажам дека на последниот пријателски меч со Берое одигравме квалитетно во дефанзива, но тоа мора да го правиме на неколку средби во серија за да покажеме кои се нашите можности, не може од еден натпревар да се каже дека проблемите се решени. Дуелот со Партизан в петок е идеална можност за докажување, бидејќи станува збор за исклучително добра офанзивна екипа, која игра брза кошарка на која ќе треба да одговориме на вистински начин“ – вели Александар Тодоров.

Тој меч со Партизан и официјално ќе го означи почетокот на сезоната во која „металците“ ќе атакуваат на двојната круна на домашната сцена, но и на далеку подобар пласман во АБА.

При првиот состанок им реков на кошаркарите дека моја желба и цел е најпрвин да се погрижиме да не се стравува во последните две три кола за опстанокот како што тоа беше случај во претходните сезони. Потоа, треба да сториме се што можеме за да се најдеме меѓу првите осум екипи и догодина да играме во Суперкупот на АБА. Верувам дека поседуваме квалитет, освен три екипи што реално се одлепуваат како врвни останатите се прилично израмнети и секој може да победи секого. Наша цел ќе биде да се одржуваме околу 50% од ефектот и да бидеме над тој просек, за да се вмешаме во борбата за горниот дел од табелата“ – истакнува за крај Тодоров.

Се вчитува...