Игор Пенов е последното засилување на МЗТ Скопје пред стартот на новата сезона во АБА-лигата, откако македонскиот репрезентативец денеска го стави потписот на договорот со актуелниот првак. Развојот на настаните е сосема очекуван, ЕКИПА го најави трансферот уште при самото заминување на Пенов од Карпош соколи, а крилниот играч во меѓувреме и настапи на неколку пријателски натпревари на „металците“, чекајќи го комплетирањето на трансферот.
Како што информираат од МЗТ Скопје, станува збор за договор од отворен карактер, што значи дека играчот може да замине во ситуација да добие друга понуда од странство или од домашен клуб, секако во договор со управата на „металците“.
За Пенов ова е враќање во таборот на МЗТ Скопје каде што претходно имаше две различни епизоди и тоа во периодот помеѓу 2004 и 2006 година односно 2010 и 2012 година. Изминатите три сезони ги мина во дресот на Карпош Соколи, а уште има играно и за АМАК-СП, Вардар осигурување и Кожув.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА