Екипата на МЗТ Скопје предсезонските подготовки ги затвораат со триумф над екипата на Берое, со резултат од 78-71 , во салата „Јане Сандански“. За аеродромци ова е последен тест пред почетокот на новата сезона во АБА-лигата, каде тимот на Партизан ќе биде прва пречка за кошаркарите на Ацо Тодоров.
Избранците на Тодоров добро го отворија мечот. Фокусирани на одбранбените задачи, аеродромци дозволија само 11 поени во својот кош по завршувањето на првиот период, додека го освоија со минимално водство од 13-11.
Иницијативата беше на страната на домаќинот се до средината на втората четвртина, а потоа тимот на Берое со серија од 11-0 направи пресврт пред полувремето. Сепак, македонскиот шампион не им дозволи на гостите да ја превземат целосната контрола на средбата, па во самата завршница од вториот период успеаја да го свртат резултатот во своја корист, и на паузата да заминат со +4, односно 33-29.
Во ист ритам МЗТ продолжи во третата четвртина, додека во нападите беа се поуспешни. Домашниот состав стигна и до првата двоцирена предност од +14, при резултат од 49-35. Одбраната функционираше речиси без грешка, Берое се обидуваше да ја врати неизвесноста, но во последните 10 минути од натпреварот влегоа со 10 поени негатива, 59-49.
Во последниот период МЗТ ја смири топката, иако противникот се обидуваше да се врати резултатски преку брзи напади. Берое во последните моменти од натпреварот ја намали разликата на едноцифрен број на поени, но тоа беше максимумот од гостите, МЗТ Скопје на крајот славеше со 78-71.
Шест кошаркари на МЗТ завршија со двоцирени поени, Џенсен постигна 20 и додаде 6 скока, Лалиќ, Трајковски и Стојановски допринесоа со по 11 поени, додека Брет Бејли и Ерик Гарсија реализираа по 10 поени.
Кај тимот на Берое најефикасен беа Александер Дејвис и Александар Георгиев со по 14 поени, додека Тихомир Желев заврши со 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА