Тевез критикува: Фудбалот во Кина ќе биде лош и во следните 50 години

Најплатениот фудбалер во светот, Карлос Тевез продолжува да си прави проблеми во Кина уште откако се пресели во екипата на Шангај Шенхуа на почетокот од оваа година. Во интервју за францускиот медиум, „СФР Спорт“, Тевез го критикуваше квалитетот на фудбал во Кина, вели дека кинеските фудбалери не се технички подготвени, и дека нема да го достигнат нивото на кое се игра во Европа и Јужна Америка и во наредните 50 години.

„Во Јужна Америка и Европа фудбалот се учи од мали нозе, децата почнуваат да тренираат на 5-6 години, додека во Кина не е така, па затоа и професионалните фудбалери не се толку технички подготвени. Не го поседуваат тоа чувство и знаење кога станува збор за контрола на топката. Фудбалот тука е сосема различен, дури и третирањето од навивачите е различно. Но, јас сметам дека не можат да го достигнат нивото на квалитет како во Европа, нема да го достигнат ниту за 50 години“, истакна Тевез.

33-годишниот Аргентинец сезонава има постигнато само три гола на 13 натпревари во кинеската Суперлига, а со новиот тренер, Жингуи Ву, не е во добри односи уште од почетокот на нивната професионална врска. Стратегот му посочи дека нема да го употребува за натпревари додека не ја врати физичката форма, сметајќи дека Тевез има вишок килограми.

Се вчитува...