Кошаркарскиот клуб Работнички забележа убедлив пораз на својот камбек на европската кошаркарска сцена. Тимот од „Градски парк“ попладнево загуби на гостувањето во Перм против Парма со резултат 88-63, во првиот меч од првото квалификациско коло за Еврокупот на ФИБА. „Црвено-белите“ немаа сили против фаворитот од Русија, а големата негатива ги сведува на теорија шансите за камбек на реваншот во Скопје и пласман во второто коло.
Во поголемиот дел од првата четвртина се играше израмнета кошарка, во која двата тима влегуваа во мини-серии. Парма поведе со 11-5, Работнички ексресно намали на 11-10, резултатот беше „тесен“ се со две минути до крајот на четвртината кога рускиот клуб со две тројки во низа се одлепи поведувајќи со 24-17, резултат со кој заврши стартниот период.
Парма на стартот од втората четвртина поведе со 29-20, по што Работнички го одигра својот најдобар период во одбраната. Тимот на Докузовски стигна до 33-30, при овој резултат Луциус не реализираше два напади, по што Русите фуриозно ја завршија четвртината и повторно се одлепија резултатски (41-33).
За разлика од првото полувреме, Работнички во вториот дел немаше одговор за рускиот прволигаш, кој ја зголемуваше предноста со самиот почеток на третата четвртина. Чавдар Костов беше единствениот расположен за игра во нападот, ниту одбраната не функционираше како што треба, па Парма во 26. минута за првпат поведе со 20 поени разлика (63-43).
Во последните десет минути се влезе со идентична предност на рускиот прволигаш (68-48), a Американецот Гинјард ја отвори четвртата четвртина со тројка за Работнички. Сепак, македонскиот клуб не можеше посериозно да се приближи, Парма целосно го контролираше резултатот до самиот крај на оваа средба, што заврши со конечни 88-63.
Бугаринот Чавдар Костов беше најефикасен во редовите на Работнички со 22 поени, а Американецот Маркус Гинјард постигна 14. Кај Перм, Американецот Гејнс беше стрелец на 23 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА