Кошаркарите на Карпош соколи неполни 48 часа по дуелот во Скопје и поразот од Калев од 79-87 денеска (18 часот) повторно ќе излезат на мегдан со истиот противник, но овојпат на теренот на естонскиот првак. Јасно е дека Естонците по победата во Македонија важат за големи фаворити за пласман во второто коло од квалификациите за ЛШ на ФИБА, но „соколите“ сепак не отпатуваа со бело знаме на ова гостување. Тренерот Даскаловски е свесен за грешките направени во текот на првиот натпревар и цел на неговиот тим ќе биде истите да не се повторат на денешниот дуел во Естонија.
„Во Талин мора да играме со поголема желба, доколку сакаме да продолжиме понатаму во ова натпреварување. Со позитивен резултат од гостувањето ќе се вратиме само ако одиграме сосема различно од она што го прикажавме во „Борис Трајковски“. Мора да најдеме начин да не ги повторуваме истите грешки, а најголем фокус мора да обрнеме на одбраната. Да бидеме поагресивни, да се бориме за скок повеќе. Не смееме да им дозволуваме отворени шутеви, дефанзивните задачи мора да бидат коплетно исполнети ако сакаме триумф. Истото важи и за нападот. Мора да бидеме поефикасни во завршувањето на акциите, да ги погодиме тие зицери и слободни фрлања кои многу значат во вакви дуели“ – истакнува Даскаловски.
Дури и во случај на елиминација од Калев, тоа нема да значи крај на европската авантура на Карпош соколи бидејќи оваа екипа при апликацијата во ЛШ најави дека ќе учествува во случај на евентуален пораз ќе продолжи да се натпреварува во Еврокупот на ФИБА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА