Хрватскиот првак Цедевита е првиот полуфиналист на Суперкупот на АБА што денеска официјално стартуваше во Бар. Првото издание на ова натпреварување ќе мина без шампионот Црвена звезда, кој поради претходно договорени обврски нема да може да се натпреварува за пехарот.
Цедевита во првиот четвртфинален дуел се сретна со ФМП, триумфирајќи со убедливи 86-68. Сепак, мора да се истакне дека српскиот претставник беше достоен ривал во поголем дел од средбата, по неколку минути игра во последната четвртина Цедевита водеше само со шест поени разлика, за искуството и квалитетот сепак да бидат пресудни во завршницата, во која хрватскиот шампион стигна до убедлива победа.
Муса со 16 и Николс со 15 поени беа најефикасни кај Цедевита, а проблем за победничкиот тим претставува повредата што во последната четвртина ја заработи Американецот Чери, за кого овој турнир речиси сигурно е предвреме завршен.
Во останатите четвртфинални дуели денеска се среќаваат: Игокеа – Мега Бемакс, Будуќност – Цибона и Морнар – Партизан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА