СЕДМЕРЕЦ: Политика и спорт – Локално и глобално!

Екипа

Триумфален старт на шампионот, капетан Раул даде „отчет“ и во Плоцк

1.Келн е веќе видено, ама двојна титула одамна не е

Вардар како што заврши на крајот од минатата сезона, така продолжи и на почетокот на новата. Растоварени од бремето на неизвесноста што со „жешка глава“ несмасно им беше натоварено летово, вардарци од Полска триумфално тргнаа во одбрана на европската круна.

Во речиси идентичен состав, со големиот Криштопанс како мала измени, „четата“ на командат Раул ќе се обиде да го скрши „проклетството на шампионите“ и да го направи она што не им успеваше на другите – да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите. Последен пат тоа му успеа на Сиудад Реал во 2009 година. А, потоа, ни Барселона, ни Кил, ни Хамбург, ни Фленсбург, ни Кјелце не успеваа да го одбранат европскиот трон.

И, ако до лани целта на стартот беше „да стигнеме некако до Келн“, сега „црвено-црните“ имаат нов голем предизвик. Да остават белег со уште еден историски подвиг во ЛШ. Тешко остварливо, но не и невозможно.

Почетокот на сезоната е ветувачки. Ако трите победи во СЕХА беа „загревање“, првиот триумф против Висла во Плоцк е веќе добар старт и јасен сигнал дека вардарци сезонава нема лесно да го дадат „скалпот“, ни шампионската титула.

2.Металург во не-мања-к

И додека вардарци имаа „среќна недела“, и финансиски и резултатски, на другата страна, во Автокоманда, неделава работите тргнаа во „дебел минус“.

Прво останаа и без играч и без пари во спорот со Немања Обрадовиќ, се „замерија“ со ЕХФ, а потоа завршија  со двоцифрен пораз од Монпелје во Франција на стартот од ЛШ од која за малку ќе се откажеа…

Сегашниот српски, инаку лани несуден македонски репрезентативец по планот и програмата на Лино Червар, уште на полусезоната реши да го замени Металург со полска Висла. Од Автокоманда пак беа убедени дека „аргументите и документите“ се во нивни раце и дека Обрадовиќ е нивен, а не слободен играч. За да го „ослободат“ бараа 50.000 евра. Рачунот беше тука некаде, да се подмири сметката во ПСЖ за „сензационалниот“ трансфер на хрватскиот кадетски репрезентативец Халил Јагањац.

Но, Полјаците оценија дека Обрадовиќ вреди пет пати помалку од тоа што го бара Металург. За Автокоманда пак 10-та беше премалку и по неколкумесечно натегање, случајот заврши на арбитража во Виена. За на крај ЕХФ да најде некоја „фалинка“ во договорот и да  пресуди дека Србинот е играч на Висла, а не на Металург. И тоа без обесштетување. Така Металург наместо со 50.000 евра, од сигурниот случај со Немања остана само со „мањак“ и со „сериозно нарушени односи со ЕХФ“.  Па потоа и од Автокоманда со „жешка глава“ се заканија дека во знак на протест нема да играат во Лигата на шампионите.

И ќе ја „искинат“ вајлд картата што едвај ја измолија пред неколку месеци. За инает!

За среќа брзо се „оладија главите“ за да ја сфатат реалноста дека Лигата на шампионите ќе може и без Металург, ама  Металург без ЛШ, ќе турка малку потешко. Уште повеќе што на арбитража во ЕХФ ги „чека“ и жалбата од Филип Миркуловски за старите долгови.

Да биде неделата уште полоша, дојде и гостувањето кај Монпелје и  уште еден „мањак“ за Металург. Овој пат со -10 во голови.

Во Автокоманда остануваат младоста и надежда …и Лино Червар пак да смисли нешто како да се надминат себе си.

3. И селекторот „влета“ во кампања за локални

Во незгодна ситуација, но со политичка конотација, деновиве намерно или случајно, e тренерот на Вардар, ама воедно и селектор на репрезентацијата на Македонија. Едно постаро видео во кое Раул Гонзалес ги претставува убавините на Аеродром и на салата „Јане Сандански“, со општинскиот „материјал“ во раце, деновиве доби нова примена како дел од отчетот на градоначалникот Ивица Коневски пред претстојните локални избори.

Така „ел команданте“, ни крив ни должен со отчетот во раце, влезе во локалната кампања.

Како тренер на Вардар можеби му било „морално“ да се сними. Како актуелен селектор на репрезентацијата на Македонија, малку е спорно дали Шпанецот локално треба „да фаќа страна“.

Впрочем, вардарци веќе имаат искуство со политички спотови за поддршка. Од претходното искуство кога рекламна поддршка од Вардар на највисоко ниво доби тогашниот премиер Никола Груевски, спотот и не му донесе нешто многу среќа на изборите.

Политиката и спортот вообичаено, се лоша комбинација, и на локално и на глобално ниво.

Се вчитува...