Легенда што сите ја сакаат, Буфон веќе има пет понуди за догодина

Џанлуиџи Буфон ја игра последната сезона во својата кариера, а неповторливиот голман простувањето од фудбалот ќе го има на СП во Русија. Тој не сака да разговара околу тоа што ќе прави по завршувањето на кариерата, но извори блиски до ветеранот тврдат дека Буфон веќе добил пет понуди.

Првата ја форсира претседателот на Јувентус, Ањели, кој инсистира Буфон да продолжи да брани и понатаму. Голманот е решен да одбие, но би можел да го смени ставот само доколку ја освои ЛШ со Јуве, па добие можност да биде дел и од клупскиот мундијал, за атак на еден од ретките трофеи што му недостигаат.

Јувентус има и „план Б“ за него, па веќе му е понудена и улога во највисокото раководство на „старата дама“. Се очекува во текот на сезонава Павел Недвед да биде промовиран во нов претседател на Јувентус, а Буфон би станал негов најблизок соработник, опција што во моментов делува како најреална.

Планови за Буфон има и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино. Тој веќе се сретнал со голманот и му понудил да стане „заштитно лице“ на светската фудбалска организација, но и да нема само протоколарна улога, туку и да добие место во тимот на легенди кои одлучуваат за иднината на фудбалската игра.

Италијанската Фудбалска Федерација исто така му понудила висока функција на легендарниот чувар на мрежата, но оваа понуда е осудена на неуспех бидејќи Буфон како и сите во Јувентус има крајно нарушени односи со куќата на фудбалот по скандалот „Калчополи“.

За крај, тука е Њујорк. Овој клуб веќе го има Андреа Пирло и би сакал да доведе уште една италијанска легенда во своите редови. Неформалните разговори се веќе стартувани, наскоро ќе следи и официјална мултимилионска понуда, за која голманот ќе има рок да одговори до крајот на 2017 година.

Легендите сите ги сакаат во своите редови, а Џанлуиџи Буфон дефинитивно ќе биде на слатки маки да го избере својот следен ангажман.

Се вчитува...