Екипата на Карпош соколи во изминатите дваесетина дена интензивно работеше на подготовки за новата сезона, што вицешампионот ќе ја стартува за помалку од десет дена, со дуелот од квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА против Калев Крамо. Тренерот Боро Даскалоски е задоволен од сработеното во подготвителниот период и од комплетирањето на ростерот, кој е значително различен во однос на ланската сезона.
„Работевме квалитетно во овие петнаесетина дена колку што бевме комплетни по заминувањето во Маврово. Одигравме пет контролни средби на кои што забележавме четири победи и само еден пораз, од Блокотехна во Гевгелија. Севкупно гледано презадоволен сум од сработеното и од формата во која се наоѓаме, ме радува што управата на клубот доведе над 80% од засилувањата што ги посакував и повторно составивме силна екипа. Имаме квалитетни поединци, но мое инсистирање е наша одлика во новата сезона да биде колективната игра. Кошаркарите го прифаќаат тоа и сметам дека токму силниот колектив ќе биде наш главен квалитет“ – истакнува Даскаловски за ЕКИПА.
Тој со респект гледа на противникот од Естонија, но потенцира дека сепак најважно ќе биде македонскиот вицепрвак да одигра на највисоко можно ниво.
„Гледано од играчки план станува збор за тим што е исклучително квалитетен, а кој дополнително се засили со неколку одлични кошаркари. Очекувам да нема премногу промени во нивниот стил на игра, кој според она што го видовме од скаутингот од ланските натпревари се базира на игра „два на два“ преку плејмејкерот Мирковиќ. Калев има и одлични шутери, така што ќе мораме да бидеме внимателни во одбраната. Противникот е одличен, но сепак сметам дека се ќе зависи од нас самите. Доколку бидеме на посакуваното ниво, можеме да очекуваме позитивен резултат на првиот меч во Скопје“ – вели Даскаловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА