Потрагата по нов центар на МЗТ Скопје заврши со ангажман на кошаркарот кој и лани го носеше дресот на македонскиот првак. Јуре Лалиќ е изборот на тренерот Александар Тодоров и на раководството на „сино-белите“ за ангажман на центарската позиција, откако хрватскиот кошаркар денеска потпиша нов едногодишен договор со „штрковите“ од скопската населба Аеродром.
Станува збор за искусен центар кој повеќе од солидно ја одработе минатата сезона во сино-белиот дрес во кој дојде и до шампионската титула во домашното првенство.
Во АБА-лигата настапи на 23 средби со просек од 10,7 поени и 4,8 скока. Најдобра партија му беше на гостувањето кај Карпош Соколи кога постигна 22 поени, а одличен беше и против Задар на теренот на противникот со учинок од 19 поени и 12 скока.
Лалиќ во својата кариера има настапувано и за Задар, Цибона, Крка, Унион Олимпија, бугарски Лукоил, полски Стелмет и белгискиот прволигаш Шарлроа.
По потписот со Јуре Лалиќ, се очекува „металците“ во следниот период да го потпишат и договорот со својот поранешен играч Игор Пенов, со што ќе биде заокружен ростерот за стартот на следната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА