Екипата на КК Куманово ќе биде вториот македонски претставник во БИБЛ-лигата оваа сезона. Вицешампионот од минатата година го пријави конечниот список за претстојната сезона, за „кумановци“ ова е петто севкупно учество во ова натпреварување.
Тимот на Игор Михајловски е осмата екипа која го потврди своето учество во регионалната лига, по актуелниот првак Берое заедно со останатите бугарски претставници КК Левски Софија и КК Академија Пловдив, како и македонскиот дебитант, КК Блокотехна. Веќе познати учесници се КК Ибар од Црна Гора, КК Тирана од Албанија и КК Башкими од Косово.
Куманово се добро позната екипа во БИБЛ-лигата. Од сезона во сезона постигнуваа се подобри резултати, дури беа во конкуренција да го освојат пехарот минатата година. Берое сепак беше преголем „залак“ за екипата од Куманово, и во двата меча доживеаа пораз од Бугарите, кои беа во улога на фаворити.
Распоредот од натпреварите за сезоната 2017/2018, Куманово ќе го дознае на 7. септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА