ЕКИПА во Тел Авив, Израел
Владимир Булатовиќ
Македонската фудбалска репрезентација по синоќешниот триумф над Израел од 0-1 во квалификациите за СП 2018 денеска со чартер лет од Тел Авив околу 14 часот се враќа во Скопје, и веднаш се упатува за Струмица каде наредниве три дена ќе бидат одработени финалните тренинзи пред пресметката со Албанија на 5. септември.
Нема многу време за радост за селекторот Игор Ангеловски и неговите избраници по толку посакуваниот гостински триумф. Мислите неизбежно се насочуваат кон дуелот со Албанија и желбата да се продолжи со позитивните игри…
„Навистина сум задоволен по триумфот над Израел пред се заради фудбалерите кои го заслужија, како награда за нив и сето она што досега го сработија во овој квалификациски циклус… Но, Израел сега го оставаме зад нас. Деталните анализи ги оставаме за понатака, а фокусот се насочува кон пресметката со Албанија. Не сакаме воопшто да не зафати некаква еуфорија, затоа што остануваат само два дена подготовка за мечот со Албанија, кој ќе секако очекувам да биде далеку потежок од овој во Хаифа. Но, можеме и знаеме како да се подготвиме за новиот предизвик“ – вели Ангеловски.
Репрезентација на Албанија, пак, исто така денеска пристигнува од Тирана во Скопје. Албанската селекција од утре се сели во Струмица каде ќе го одработи официјалниот тренинг на стадионот „Младост“ пред пресметката во вторник која е закажана од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА