ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација цели седум години не знае за победа на гостински терен против селекција која е подоброрангирана од нас на ФИФА ранг листата. Време ли е за за ставање точка на непријатниот сегмент од нашата репрезентативна статистика?
Израел која во моментот е на 70. место на ФИФА листата е без сомнение можност за тоа, ако се знае дека дуелот доаѓа во позитивен период за македонскиот фудбал. „Црвено-жолтите“ победа на гостински терен против репрезентација подобропласирана од 70. место немаа од јуни 2010 година кога славеа со 0-1 против Романија.
После тоа сме славеле против Андора со 0-2 во квалификации за ЕП, против Азербејџан на тест дуел, и последната победа против Лихтенштајн од март оваа година од 0-2 во актуелниот квалификациски циклус, но сите тие во моментот на натпреварот биле послаборангирани репрезентации од Македонија на официјалното светско рангирање.
Сепак, не многу надеж за нас би имало ако ја погледнеме малку традицијата на меѓусебни дуели со Израел од нашето осамостојување. Македонија досега има четири натпревари со Израелците и исто толку порази. Загубивме со 2-3 во пријателски натпревар во 2002 година, потоа следеа поразите во квалификациите за ЕП 2008 од 1-2 во Скопје и 1-0 во Тел Авив, и на крајот низ актулниот квалификациски циклус поразот од 1-2 во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА