ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Во голема мера веќе е познат составот со кој Македонија ќе им се спротистави на Израелците во 7. коло од квалификациите за пласман на СП 2018 во Русија.
Сосема е јасно дека селекторот Игор Ангеловски има „слатки маки“ околу дефинитивната креација на првиот тим по одличните настапи на добар дел од репрезентативците за своите клубови изминатиов период, меѓутоа веќе издвоени се две варијанти, со една дилема, околу почетните 11 за дуелот на „Сами Офер“.
По последните тренинзи на националниот тим, вклучувајќи го и синоќешниот на „Нешер стадионот“ во Хаифа, извесен е нашиот настап во тактичката формација 3-5-2 со засилена одбранбена линија, но отворен напад во кој би биле најистурени Пандев и Несторовски, и сериозна поддршка од Барди во позадина, како офанзивен фудбалер за врска.
Покрај Барди во средниот ред, како последни играчи за врска би биле „вардарците“ Николов и Спировски, дополнети со Алиоски и Стефан Ристовски по страничните позиции. Во одбраната Кире Ристевски, Велковски и Зајков, со евентуално Висар Муслиу од стартот иако предност има членот на белгиски Шарлерој, и Столе Димитриевски на голот.
Останува во игра и нешто поофанзивната варијанта (4-2-3-1) со тоа што Александар Трајковски би бил од првата минута во офанзивната линија, заедно со Пандев, Несторовски и Алиоски на левата крилна позиција.
Во секој случај, нова одбрана со отворена офанзива е концепцијата на која се темели „новото лице“ на македонската репрезентација која и во иднина планира да ја негува Ангеловски до крајот на квалификацискиот циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА