ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Македонската сениорска репрезентација со нова одбрана го очекува квалификацискиот натпревар против Израел утре од 20:45 часот на „Сами Офер“ стадионот во Хаифа.
Сосема очекувано селекторот Игор Ангеловски „гради“ нов бедем пред македонскиот гол во насока на веќе најавеното подмладување на репрезентативните редови со фудбалери кои настапија на Европското првенство во Полска… Ѓоко Зајков и Дарко Велковски, заедно со Кире Ристевски по левата страна и Стефан Ристовски на десната, треба да биде нашата дефанзивна линија против Израелците утре, „врска“ која веќе функционира повеќе од успешно неколку години низ младите селекции.
„Не е ништо ново за нас и повикот во А селекцијата, затоа што и претходно веќе во неколку наврати бевме со сениорската репрезентација. Затоа и не очекуваме некаков проблем околу вклопувањето со повозрасните. Напротив, мислам дека функционираме одлично, и ако треба нешто да направиме ние помладите тоа сигурно е да ги пренесеме оние позитивни игри и резултати од младата во сениорската репрезентација“ – вели Велковски.
Членот на белгискиот Шерлерој, Зајков, пак, е убеден дека Македонија ја очекуваат далеку поуспешни резултати денови кои беа најавени со претходните три натпревари.
„Не чувствуваме некоја промена со трансферот од младата во сениорската репрезентација, затоа што сите многу добро се познаваме меѓу себе. Верувам дека оваа генерација има пред себе успешни резултатски денови на репрезентативно ниво. Со претходните три натпревари против Лихтенштајн, Белорусија и Турција се покажа дека има квалитет, сега со комплетирањето и на помладите фудбалери мислам дека може сериозно да се надеваме на позитивен резултат во Израел. Нашата желба е секако победа“ – коментира Зајков.
По вчерашното пристигнување во Хаифа, македонската селекција вечерва на „Сами Офер“ ќе го одработи и официјалниот тренинг пред утрешниот квалификациски натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА