Македонскиот првак Вардар рутински ја совлада Локомотива со 1-4, во последниот меч од 1/16-финалето на националниот Куп. Вардарци постигнаа три гола во првото полувреме, јасно покажувајќи ја својата класа во однос на противникот. Дејан Блажевски го отвори резултатот, Бесир Исени зголеми на 0-2, а Бесир Демири пред крајот на првиот дел постигна и трет гол.
Локомотива во самата завршница од мечот успеа да постигне почесен погодок, но сепак, Вардар е тимот што се пласира во следната рунда од најмасовното фудбалско натпреварување, откако го комплетираше дуелот и со четврти погодок, кој беше дело од слободен удар на Бесир Исени.
Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски, и покрај отсуството на поголем број репрезентативци, на овој куп – дуел изведе на теренот многу респектабилен состав. Вардар истрча со следниот тим: Алексовски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Демири, Глигоров, Глишиќ, Исени, Фелипе, Блажевски, Итало.
Фудбалерите на Локомотива пред почетокот на натпреварот го поздравија големиот европски успех на Вардар, кој стана првиот македонски клуб што ќе игра во групна фаза од Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА