ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Македонската сениорска репрезентација со чартер лет од Скопје попладнево пристигна во Тел Авив од каде веднаш се упати за Хаифа, каде претстојниве два дена ќе финишираат подготовките за квалификацискиот натпревар со Израел кој не очекува на 2. септември.
Селекторот Игор Ангеловски веднаш по пристигнувањето во Хаифа ја потенцираше определбата за игра на триумф против фаворизираната селекција на Израел.
Во нашиот национален табор огромна е желбата за реванш против Израелците кои незаслужено триумфираа (1-2) во Скопје… Сега Ангеловски нагласува дека воопшто не сме тука туристички, но напротив овој натпревар ни е повеќе од значаен резултатски затоа што би можел да промени многу нешта за нас до крајот на квалификациите.
„И тоа како овој натпревар со Израел за нас е резултатски значаен. Добро знаеме дека со победа се враќаме во битката со Израел и со Албанија и за третата позиција на табелата. Пред овие квалификации нагласив дека за нас секој пласман меѓу првите четири репрезентации во групата ќе биде навистина добро постигнување. Сега за тоа се бориме. Победа против Израел би ни донела огромен мотив за последните три квалификациски дуели“ – ни изјави Ангеловски, дополнувајќи дека нашата желба за триумф воопшто не значи некакво потценување на противникот.
„Нашата желба за триумф во Хаифа ниту најмалку не може и не треба да значи потценување на противникот. Но, секако значи верба во нашите квалитети, верба во формата на репрезентативците, и силна верба дека ќе можеме успешно тактички и технички да одговориме на предизвикот кој не очекува“.
По денешното пристигнување во Израел, репрезентативците од 18:30 часот ќе го одработат и првиот тренинг покрај Средоземното море, на „Нешер“ стадионот во Хаифа. Натпреварот на 2. Септември се игра од 20:45 часот на стадионот „Сами Офер“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА