Македонската репрезентација денеска ги стартуваше подготовките за престојните два квалификациски натпревари за пласман на СП 2018 во Русија, против Израел (2. септември) во Хаифа и против Албанија (5. септември) во Струмица.
Селекторот Игор Ангеловски е задоволен од формата на репрезентативците демонстрирана изминатиов период во своите клубови, нагласувајќи дека сето тоа ќе треба да го потврдат и во националниот дрес.
„Навистина ме радува добрата форма на репрезентативците, кои со своите игри во клубовите само потврдуваат зошто се дел од националниот тим. Сето тоа ветува дека може да очекуваме квалитетни изданија и на престојните два квалификациски натпревари во репрезентацијата“ – вели Ангеловски и дополнува:
„Нема да бегаме од досегашната наша определба за офанзивен фудбал. Е сега дали нешто ќе менуваме формациски, тоа секако е согласно и тактичките размислувања пред секој натпревар пооделно. Ние формацијата ја менуваме од натпревар на натпревар, но желбата за гол повеќе од противникот секогаш останува. Сега најпрво се фокусираме на Израел. Сакаме добра претстава во Хаифа и секако позитивен резултат. Верувам премногу во овие фудбалери, и знам дека можат да не израдуваат“.
Дефанзивецот на Вардар, Дарко Велковски треба да биде новиот столб во одбраната на македонската репрезентација…
„Добар дел од нас добро се знаеме затоа што долги години бевме во младата репрезентација. Сега сме меѓу сениорите и сигурно сакаме добрите резултати од младата селекција да ги префрлиме и во А репрезентацијата. Свесни сме дека сега од сите во репрезентацијата ќе се очекуваат нешто подобри резултати од досегашните во квалификациите за СП 2018. Мислам дека веќе на престојните два дуели против Израел и против Албанија ќе покажеме дека може да се верува во нас“ – вели Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА